Не сме задоволни од вкупниот број освоени гласови во Охрид, затоа што очекувавме речиси двојно повеќе од освоените над 2. 700 гласа, но задоволни сме затоа што тие кои гласаа за нас тоа го направија и покрај бројните притисоци, малтретирања и поткуп кој го вршеше актуелната власт во последните неколку дена од изборната кампања, рече на денешната прес конференција претседателот на општинската ВМРО- Народна партија, Ванчо Костоски.


– На половина од кампањата, во текот на последните десет дена активистите на ВМРО- ДПМНЕ вршеа голем притисок врз нашите членови и симпатизери. Во тоа беа вклучени и полицијата, инспекциските служби, директори на јавни претпријатија. Наши луѓе беа викани на информативен разговор и посетувани од инспекциските служби. Не остана фирма од наши симпатизери во која не влегоја инспектори заплашувајќи ги дека ќе подлежат на казни, ако не го дадат гласот за ВМРО- ДПМНЕ. И покрај тоа, достојно ги издржавме притисоците, иако имаше и дел од симпатизерите кои потклекнаа на поткупот кој се вршеше, рече Костоски.

Тој потенцира дека за вршените притисоци веќе е информирано ОБСЕ, а ќе ги известат и претставниците на ЕУ, како и странските амбасади во Македонија.

Костоски истакна дека ВМРО- Народна партија продолжува со активностите и подготовките за наредните локални избори, како и кон зајакнување на соработката со десно- ориентираните партии.  

Во врска со очекувањата на ВМРО- ДПМНЕ дека голем број од членството на ВМРО- Народна партија во следниот период ќе премине во ДПМНЕ, Костоски со коментар: Ние сме демократска партија. Секој кој сака може да ја напушти партијата и премине во која сака друга партија, но тоа да не биде под уцени и давани лажни надежи за вработувања, затоа што нив нема да ги има поради превработеноста во претпријатијата кои се под актуелната власт.

Т. К.