Наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на 42-та Генерална конференција на УНЕСКО во Париз.
На 45-та сесија која се одржа во септември, Комитетот на УНЕСКО за светско наследство го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и донесе Одлука со која Комитетот ги уважи нашите заеднички напори, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство. Беа поздравени напорите кои двете земји ги прават во насока на намалување на факторите кои негативно влијаат на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион, потенцираше Ковачевски.
Од нашата натамошна засилена соработка, додаде, ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот.
Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за истото да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш. Од оваа говорница, повикувам на сплотеност и одговорност во делувањето на секоја власт, истакна Ковачевски.
Соработка со УНЕСКО, додаде, датира од 1979-та и 1980-та година кога Охридскиот регион влезе под закрилата на УНЕСКО, за денес со гордост да го вброиме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот.
OhridNews