Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар, или МЗТ и Работнички. Ова е нашата иднина, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со случувањата со Бугарија и инцидентот во Охрид.

Насилство од било каков тип не оправдувам и секогаш го осудувам и ќе го осудувам, исто како што ќе се спротивставам и на секоја провокација што доаѓа од внатре или од надвор, а која ги повредува чувствата на македонците и којашто буди немир помеѓу нашите граѓаните. За мене таквите провокации се недозволиви. Во однос на инцидентот, задоволен сум што институциите реагираа брзо, МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно, а верувам дека брзо ќе биде расчистен целиот случај и дека по истиот согласно со пријавите ќе постапува и ОЈО кое има надлежност во овој случај, истакна Ковачевски.

Додаде дека нема да дозволи да се одвоиме од европскиот пат на државата и затоа ќе инстистира овој проблем да се реши на најбрз можен начин.

Зошто ние треба да продолжиме на патот кон Европската Унија. Најважно е што тие кои ги иницирале настаните од минатата недела и кои претходеа претходно не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, додаде Ковачевски.

Тој апелираше до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се преиспита, бидејќи, како што рече, има голем број информации дека настаните коишто се случија минатиот викенд и настаните коишто се случуваа претходно, се поврзани со нејзини членови и симпатизери.

OhridNews