Глобалната криза предизвикана од вирусот ковид -19 не го заобиколи ниту спортот, кој доживеа тежок удар во 2020 година. Национални шампионати во разно разни спортови беа прекинати, некаде беа продолжени под строги мерки и протоколи, а големи спортски настани како Олимписките игри и Европското првенство во фудбал беа одложени за следната година.

Последица на своја кожа од кризата почувствува и охриѓанецот Мартин Георгиевски. Талентираниот фудбалер ги импресионираше скаутите од славниот протугалски клуб Бенфика. Георгиевски беше на проба 10 дена и ги исполни критериумите од Бенфика, но ситуацијата со вирусот ковид -19 не дозволува патување, присуство на родител и сите пропратни работи околу регистрацијата на фудбалерот. За Георгиевски интерес покажа и белгискиот клуб Андерлехт, но Бенфика била конкректна и одлучна.

Мартин Георгиевски во дресот на Бенфика

Георгиевски се истакна на репрезентативните настапи во Кипар каде беше еден од подобрите во македонската селекција. Тој е многу добар фудбалер, но е уште подобро момче. Седум години беше дел од нашата фудбалска школа „Фер Плеј“ и во ниту еден момент немавме забелешка за неговата работа и посветеност. Секогаш верувавме во него и тој чекори по патот за остварување на својот сон. – велитре рот од Фер Плеј, Марјан Настески.

15-годишниот Георгиевски фудбалската кариера ќе ја продолжи во Академија Пандев каде будно ќе биде следен од сопственикот Горан Пандев, неговиот брат Сашко и агентот Илија Матеничаров. Академија Пандев години наназад важи за клуб кој работи посветено во младинските категории, а сигурно тоа ќе биде шанса за Георгиевски повторно да се докаже и направи трансфер надвор од македонските граници.

Георгиевски со дел од екипата на Фер Плеј

Во досегашната кариера популарниот „Шеф“ има освоено над 50 индивидуални награди и признанија. Помеѓу најзначајните се прогласувањето за најталентиран спортист во Охрид за 2014 година, МВП наградата на Фер Плеј турнирот каде учестуваат над 1000 дечиња и играњето во сите репрезентации до 16 години.

Мх.П.