Министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас, попладнево слета на аеродромот во Охрид „Ав. Апостол Павле“. Тој утре ќе има работна средба со неговиот македонски колега Никола Димитров, во рамки на процесот за решање на спорот со името на Република Македонија.

Се очекува на маса да се најдат конкретни предлози за кои двете страни разговараа на состанокот во Виена на кој присуствуваше медијаторот на ОН Метју Нимиц. Двете страни имаа време за велигденските празници да ги разгледаат обостраните предлози.

Аналитичарите најавија дека претстојната рунда разговори ќе биде исклучително тешка затоа што Грција не отстапува од принципот „ерга омнес“, односно име за севкупна употреба и промена на Уставот на Република Македонија, што е неприфатливо за нашата земја.

Пред новата рунда преговори закажана за утре претпладне, Димитров и Коѕијас вечерва ќе се релаксираат на работна вечера во ресторанот „Чун“ во центарот на Охрид, а заедничка вечера ќе имаат и новинарите од Грција и Македонија во ресторанот „Далга“.

Г.М.