Се почесто мета на крадците во Охридскиот регион се земјоделски производи, но и ниви со насади. Сопственици се жалат дека во неколку наврати останaле без засадените млади насади на лешник, цреша… Сторителите тешко се откриваат.
-Во текот на 2017 година оштетени се 2000 садници со бобинки Гоџи засадени на нива со површина од 2000 метри квадратни оградена со метална плетена мрежа во с.Опеница покрај Коселска река во месноста викана Горни Осој, стебла од зеленчук и стебла од лешници на нива во с.Лескоец, млади садници од цреша во нива во с.Лескоец, млади садници на круши кои биле посадени на нива на м.в Јазон с.Лакочереј, а откорнати се и26 насади од лешници засадени на нива во месноста “Горица“ помеѓу селата Вапила и Г.Лакочереј. – изјави за OhridNews портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Минатата година оштетени биле голем број заштитни огради, бетонски столбови на ниви, а опожарена била и една нива со површина од околу 10 000 квадрати засадена со пченица во с.Расино.
Од СВР Охрид информираат дека во текот на 2017 година, во СВР Охрид се регистрирани и повеќе кражба на земјоделски производи кои биле оставени во гајби на тезга во градскиот пазар. Регистрирана е и кражба од кокошарници на нива во Охрид. Сторителот ја прескокнал жичаната ограда со која била оградена нивата, потоа со употреба на подесен алат физичка сила ја скршил вратата од кокошарниците. Регистрирана била и една кражба на делови од возило „Мицубиши“ оставено на нива во с.Вапила.
Исто така пријавено било и оштетување на насади со цреши од заштитен дивеч мечка, извршено на нива во с.Скребатно.
Г.М.












