Ниту една од надлежните институции вчера не сакаше да даде коментар за последната кражба, која што се случи викендов во пештерната црква ,,Свети Архангел Михаил” во струшкото село Радожда, во која крадци успеале да однесат цела дрвена рамка на која имало четири икони, од 1780 година.
Иако украдените икони и предмети најчесто завршуваат на црните пазари во соседните земји и во Западна Европа, наделжните институции за заштита на културното наследство не сакаа да ни одговорат зошто се уште се разработуваат стратегии и зошто се уште нема конкретен предлог или одлука за заштита на овие сакрални објекти и вредни артефакти, кои се од големо значење за македонскиот народ.
Според полициската евиденција, во текот на изминативе три години од струшките цркви биле украдени над 70 икони. Првата поголема кражба на икони во струшкиот регион беше регистрирана во 2009 година, а од тогаш па наваму, крадците на црковните предмети земаат се поголем замав и прават вистински пустош низ православните храмови.
Освен последната кражба во пештерната црква, во струшкото село Рaдожда, кое е лоцирано во непосредна близина на границата со Албанија во текот на ноември и декември 2011 година во два наврати беше ограбена и црквата „Св.Никола“. Во првата кражба беа одземени вкупно 12 икони и еден сребрен крст, а при втората кражба дури 17 икони. Материјалната штета тогаш беше проценета на повеќе од 2 милиони денари.
Но иако остана речиси без икони, во црквата „Св.Никола“, во месец февруари годинава, полицијата регистрирала уште еден обид за кражба на 3 икони од 19 век, но со брза интервенција на локалното население истите биле пронајдени и вратени назад.
-По активирење на алармот во црквата, мештаните започнале потрага. Ги следеле забележаните траги кои од црквата воделе кон напуштена куќа на оддалеченост од стотина метри од црквата, но кога се доближиле кон куќата биле забележани од страна на крадците , кои се дале во бегство, упатувајќи се во правец кон границата со Република Албанија, оставајќи ги во куќата трите украдени икони, информираа тогаш од СВР Охрид.
Тешка кражба на икони имаше и во февруари 2011, кога беше ограбен централниот струшкиот храм „Свети Ѓорѓија“, од каде беа однесени неколку вредни и уникатни црковни дела кои датираат од 13 до 19 век. Истиот месец беа огрбени црквите „Свети Никола и „ Света Богородица Пречиста“ во селата Селци и Буринец, во струшкиот крај Малесија, од каде беа однесени 10-тина икони.
При кражбите на црквите, кои се случија во текот на 2010 година, беа одземени над 30 вредни икони и бројни црковни предмети. Мета на крадците беа црквите „Св. Атанасиј Велики“ и „Свети Ѓорѓија“ во струшкото село Луково, од каде што беа однесени околу 20 икони, потоа „Св. Богородица“ во селото Модрич, од каде што беа украдени 10 икони.
За да се спречат кражбите на црквите во Дебарско-кичевската епархија, кои се наоѓаат во ненаселени или викенд места во текот на 2010 година во Охрид се одржа работен состанок на тема „Превенција на кражби и заштита на црковните споменици и културно-историски предмети“. Еден од главните заклучоци, кои го донесоа надлежните служби, беше дислоцирање на оригиналните икони во специјално опремени и добро заштитени депоа, а на нивно место да бидат поставени верни копии, но до сега .
Неколку расветлени грабежи
Иако до сега се извршени голем број на кражби во цркви, полицијата успеала да расветли само неколку од нив. Еден од поголемите успеси на ова поле, според полициските службеници е разбивањето на четирчлената банда од Албанија во текот на 2010 година. Четворицата албанци со подесен алат ги кршеле цилиндрите од вратите на црквите во неколку струшки села и краделе икони и други премети. Се претпоставува дека украдените предмети ги продавале во Албанија.