Македонија нема да има преставник во нок аут фазата од Лигата на шампиони, откако тимовите на Горан Пандев (Галатасарај) и Агим Ибраими (Марибор) како последно пласирани ги завршија мечевите во групата.

Галатасарај во конкуренција на Борусија, Арсенал и Андерлехт освои само 1 бод, а Горан Пандев одигра само 203 минути без некој позначителен ефект.

Самиот настап на Марибор во групната фаза на Лигата на Шампиони беше успех сам по себе. Агим Ибраими во шест меча постигна еден гол и тоа во ремито на домашен терен против Челси.  На Стемфорд Бриџ, “десетката“ на виолетовите не реализираше удар од белата точка.

Првата фаза од Лигата на шампиони ја потврди доминацијата на германскиот фудбал во Европа. Четири од четири тима ја минаа групната фаза. Баерн Минхен и Борусија Дортмунд како првопласирани ја завршија групата, додека Шалке и Баер Леверкузен како второпласирани ја минаа целта.

Реал на добар пат да ја одбрани титулата и до го скрши “малерот“, кој вели дека по формирањето на Лигата на Шампиони ниту еден тим не ја одбранил титулата. Кралевите под водство на Карло Анчелоти имаат шест победи во исто толку меча, со гол разлика 16-2. Лионел Меси ја продолжува голеадата. Аргентинецот стигна до бројката 75 гола што го прави најдобар стрелец во ова натпреварување.  Минатогодишниот финалист Атлетико Мадрид не дозволи изненадување и како прв ја мина целта во групата А.

Најголемото разочарување во оваа фаза е петкратниот победник Ливерпул кој во шестте меча забележа само една победа и тоа во првата рунда против бугарскиот првак Лудогорец. Челси како првопласиран , Арсенал и  Манчестер Сити како второпласирани ќе ја продолжат трката за место во финалето во Берлин.

Јувентус е единтвениот преставник од “чизмата“ кој остана да ја брани честа на некогаш најсилната лига на светот, додека Шахтјор пак ќе ја брани честа на Источна Европа.

Следува зимската пауза. Мечевите од Лигата на Шампиони продолжуваат во Март со нок аут мечвите кога една “магија“ може да го реши победникот.

ohridnews