Министерот за образование и наука, м-р Панче Кралев, ги посети финалистите од натпреварот „Нано Материјали – Материјали на иднината“, што во организација на Технолошко – металуршкиот факултет се одржува во Струга. Во првата фаза од овој натпревар се натпреваруваа тимови од 45 средни училишта во Република Македонија, кои учествуваа со повеќе од 250 проекти. Во финалето беа презентирани проектите на 43 тимови кои добиле највисоки оцени во предходната фаза.

Најдобрите тимови и проекти ќе бидат наградени. За првите три места на училишните натпревари наградата изнесува 2 000, 4 000 и 6 000 денари. Најдобрите на републичкиот натпревар ќе добијат награда од 500, 1 000 и 2 000 евра во зависност од постигнатиот резултат.

Како што потенцира министерот Кралев, целта на натпреварот е да се популаризира науката и техниката и да се поттикне натпреварувачкиот дух кај младите и средношколците, нивната иновативност и креативност.

– Иднината на младите луѓе е во областите кои се учат на техничките факултети. Праксата покажува дека стопанството има потреба токму од ваков кадар. Со откривањето на можностите  кои ги нудат наноматеријалите, се надеваме дека голем дел од учесниците на натпреварот,  ќе бидат мотивирани се запишат на овој факултет и во иднина ќе ја развиваат нанотехнологијата. Нанологијата секојдневно на пазарот исфрла нови машини и уреди кои имаат вградено вакви соединенија или користат некои од нив за своите процеси, а овие материјали се произведуваат во новите високо-технолошки фабрики кои се дел од инвестициите што доаѓаат во Македонија, рече Кралев .

Министерот изрази задоволство што средношколците и нивните ментори покажале голем интерес за натпреварот и се надева дека и во иднина ќе има голем интерес за учество на натпреварот.

OhridNews