Министерството за образование и наука настојува сите македонски универзитети да се најдат меѓу 500-те најдобро рангирани во светот. За таа цел се вложуваат средства и во наставниот кадар  и во подобрување на условите за студирање – ова денес го истакна ресорниот Министер Панче Кралев, при посетата на Универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле.

Тој рече дека во таа насока, за подобрување на наставата, се ангажирани тројца професори од САД, како и по еден од Иран и Италија.  Ова, на студентите,  ќе им овозможи подобар пристап до најновите методи и знаења.

Кралев не смета дека министерството селективно вложува во универзитети во Македонија, но додаде –  “Некои универзитети имаат предност поради своето повеќе годишно работно искуство. Новоотворените универзитети се релтивно високо рангирани што кажува дека инвестициите во нив треба да продожат. Токму за охридскиот универзитет се предвидува доградба на постоечкиот објект и преадаптација на касарната.”

Министерот го најави и проектот – воведување кариерни советници во основните и средните училишта. Целта на проектот е советниците да им помогнат на учениците во изборот на професијата.

Тоа се кариерни советници. Во тек се подготовки за пилот проектот во десетина училишта во Македонија. Проектот најверојатно ќе се имплементира веќе од второто полугодие. Се предвидува секое училиште да има свој кариерен советник, кој ќе помогне во изборот – посочи Кралев.

Министерот за образование во рамки на посетата на Универзитетот за информатичкио технологии, оствари средба со проректорот за настава, доц. д-р Устијана Речкоска Шикоска.

-Реализиравме конструктивна средба на која ги продискутиравме активните насоки на реализирање на нови наставно-научни активности на Универзитетот, ангажирање на нов наставно-научен кадар на домашни и меѓународни рамки како и активно реализирање на научно-истражувачката работа на Универзитетот. Ни претставува големо задоволство зголемениот број на студенти како домашни така и странски, од нареден семестар ги очекуваме новите странски студенти од САД, чиј особен интерес е акцентиран после успешно реализираниот проект од областа на CYBER INVESTIGATION како најсовремен IT тренд, изјави проректорот за настава, доц. д-р Устијана Речкоска Шикоска.

Посебно задоволство таа изрази од најавите на министерот Кралев дека наскоро ќе започне доградба на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“- Охрид, кој се повеќе се етаблира во образовниот систем, како во земјата, така и пошироко.

Инаку Министерот Панче Кралев, работната посета на Охрид ја продолжи со учество на конференцијата на ОБСЕ за превенција на конфликти во училиштата и намалување на насилството, што започна попладнево во х. „Силекс“.

О.Т.