,,Младите се посебна социо-етничка категорија која има огромен потенцијал од креативност и енергија и доколку тие се генерираат и искористат правилно може многу да придонесат за подобрување на иднината и за целото општество. Иднината не останува на младите, туку младите ја креираат иднината!”- порачаа од  Иницијативниот одбор на локалниот совет за млади при општина Струга во рамки на настанот „Младинско будење“ кој се одржа деновиве во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци”.

Целта на оваа кампања е младината во која спаѓаат лица на возраст од 15-29 години да заземе поактивно учество во општествениот живот, како и да поттикне поголема заинтересираност и ангажирање во процесот на креирање на младински политики и да иницира младински активизам.

Со хаштагот #youthawakening, а во рамки на онлајн кампањата на социјалните мрежи, младите од Струга во текот на изминатиот месец објавуваа активистички фотографии преку кои кажуваат со какви проблеми се соочуваат, но и што посакуваат во општината во која живеат.

Посетителите можеа на посебни паноа да ги впишат своите идеи и идејни решенија за изгледот на Струга, младинските проблеми и што им недостасува на младите во општината. Исто така беше спроведена и анкета за мислењето на младите околу нотираните младински проблеми, нивната визија за справување  со истите и младинската застапеност на локално ниво.

Оваа акција е дел од проектот „Развој на локално младинско учество и локални младински политики“ на Младинскиот образовен форум и Центарот за меѓукултурен дијалог, финансиран од Европската Унија.

Настанот беше заокружен со настапот на струшкиот бенд ,,Мармалад” кои приредија пријатна атмосфера за дружење и забава.

Ивана Чичоска