Уште во минатиот век, потребата од продуцирање на звукот ги создава денешните модерни засилувачи.  Низ текот на целата своја еволуција, овие креации оставија длабока трага во мултимедијалната револуција. Ентузијастите со своите „домашни“ работилници од минатиот век, станаа светски брендови, кои во модерната доба на живеење претставуваат гиганти во музичката индустрија.

Но ако процесот на изработување едно вакво дело претставува научна фантастика, охриѓани можат да бидат горди што вештите раце на нашиот сограѓанин Јован Наумоски, веќе неколку години создаваат засилувачи на звук. Огромната љубов кон музиката и начинот на кој се продуцира и пренесува звукот, се причините поради кои нашиот ентузијаст одлучил потемелно да се занимава со оваа несекојдневна професија.

Иако сум студирал и работел нешто што не е поврзано со оваа област, уште од дете ме фасцинирал начинот на создавање звук. Никогаш не сум бил задоволен од сопствената опрема, која најчесто ја користев при свирењето на електрична гитара. Затоа започнав да истражувам, како може да се направи нешто што би го задоволил мојот вкус. Стартував од нула, проучувајќи ја целата електроника во „појачалата“. Со текот на времето се усовршував, при тоа учејќи од сопствените грешки. Кога стекнав одредено знаење, одлучив да го изработам мојот прв лампашки засилувач на звук.“ – вели охриѓанецот Јован Наумоски.

Оваа опрема игра главна улога во продуцирање на звукот. Самиот процес на создавање вакво електронско тело, е потполно комплексен и бара голем труд.  „На самиот почеток го рагледувам планот што го имам замислено. Дефинирам дали тонот кој ќе се продуцира треба да биде помек, поостар, поагресивен или подинамичен. Во зависнот од тоа, изработувам детална шема. Правам прототип со кој одлучувам дали е потребно да извршам определни измени како би го подобрил звукот. „Штампите“ ги изработувам рачно, а пропратни елементи се индивидуалните компоненти. Нашиот пазар ги нема овие материјали, па затоа ги порачувам од странство. Процесот е прилично долг и трае околу три месеци. Мојот пријател Горан, според дадениот дизајн ја изработува кутијата, каде го сместувам засилувачот.“ – вели Наумоски.

Главна цел е клиентот да биде задоволен од финалниот производ, вели нашиот сограѓанин. „Во изработката посветувам огромна љубов. Сите мои дела ги гледам како свои чеда. Тие не се наменети да ги купи некој, што потоа ќе ги продаде. Последно работев на новиот модел на засилувач „Феникс“. Тој е специјално изработен за потребите на мојот драг пријател, гитаристот на „Хардфејсд“. Секоја компонента дава различна карактеристика, па затоа долго време одлучувавме што ќе вклучиме во производот. Започнавме со премиум компоненти, а на крајот и двајцата бевме задоволни од моќта и звукот на овој продукт.“ – истакнува Наумоски.

Повеќе бендови од земјава и странство, се имаат уверено во квалитетот на овие засилувачи. Тие беа дел од опремата при балканската турнеа на охридскиот бенд „Хардфесјд“. –Токму со таа турнеа, луѓето вон границата од земјава се запознаа со оваа опрема. Исто така, пред една седмица покрив музички настан во Скопје, на кој настапуваа холандските хард кор легенди „Но трнинг бек“. На почетокот, членовите од бендот беа скептични, бидејќи никогаш не слушнале за ваква опрема. Но откако ги испробаа засилувачите, останаа фасцинирани. Иако тие имаат настапувано на скапа и квалитетна опрема, сепак беа презадоволни од „појачалата“. – вели нашиот ентузијаст.

Новото нешто што треба да излезе од неговата работилница Zograf amplification, се комбо варијанти на засиливачи. Стариот принцип на изработка, го подигнува квалитетот на едно високо ниво. За во иднина, Јован посакува оваа негова професија повеќе да се афирмира во земјава и странство. „Кај нас, овие мајстори се вистинска реткост. Работиме нешто што не е стандардно, но од друг апсект ги афирмираме земјава и градот.  Некои се чудат зошто токму Зограф се вика овој мој бренд. Многу ги почитувам старите копаничари и зоографи, кои со многу труд и љубов ги создавале своите дела. Тоа е врската која ја пронајов со мојата работа. Сите овие занаети се рачни, а бараат сталоженост и напор.“  – додава Наумоски.

За крај, сонот на Јован е еден ден, овие рачно изработени засилувачи на звук да стојат рамо до рамо со светските музички брендови. „Луѓето треба да се стремат, да креаираат свој автентичен звук. Поентата не е да звучат како некој светски познат гитарист, воедно претставувајќи само бледа копија. Ние нудиме „кастм“ опрема, а тонот кој стои во главата на нашите клиенти се обидуваме да го преточиме во дело. Заедно со нив го разработуваме звукот, а главен адут ни е квалитетот и уникатноста на опремата.“ – завршува Јован Наумоски.

O.T.