Од 7 до 23 илјади евра кредит со каматна стапка од еден процент годишно, грејс-период од 1,5 година и 5,5 години рок за отплата може да добијат од државата млади лица до 29 години кои сакаат да отворат сопствен бизнис или правни лица кои планираат да вработат млади од оваа категорија. За таа цел веќе е распишан оглас кој ќе трае до 18 јуни годинава.

Условите под кои може да се добијат кредитните средства се: за кредитобарателот по 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место дополнителни 4.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра. Како новина и исклучителна поволност на оваа мерка е рокот на враќање на средствата, кој изнесува цели 7 години (84 месеци), односно период на отплата е 66 месеци (5,5 години) и грејс-период од 18 месеци (1,5 година). Каматната стапка е 1 процент на годишно ниво, изјави вчера министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој појасни дека за  да добие кредит, барателот треба да учествува со 25 проценти од износот на бараните средства, и тоа во вид на опрема, предмети или пари, потребна е и гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист за кој правата и обврските по однос на истата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит.

Заинтересираните невработени лица барање за кредит може да поднесат до 18 јуни во работните клубови на 30-те центри за вработување на Република Македонија каде што можат да добијат и подетални информации или, пак да се информираат на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика њњњ.мтсп.гов.мк и на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

OhridNews