Владата на Република Македонија преку Агенцијата за вработување ќе го реализира Проектот за самовработување со кредитирање. Со оваа мерка на  корисниците на кредити им се овозможува да започнат сопствен бизнис во областа на земјоделството, трговијата, преработувачката индустрија, градежништвото, услужните дејности.

– За дејности од помал обем за секое новоотворено работно место предвидени се по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 3 работни места, односно 9.000 евра. За дејности со поголем обем за кредитобарателот 5.000 евра, за најмногу 5 вработени по 3000 евра. Грејс период за враќање на средствата од кредитот е една година, а каматната стапка од 1 отсто на годишно ниво, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски при промовирањето на проектот.


Невработените лица кои сакаат да аплицираат за добивање ваков кредит треба да дадат гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1, најмалку еден кредитоспособен жирант или рачен залог во однос 1:2 на одобрениот кредит.

Исто така, предвидено е сопствено учество на кредитобарателите во висина од 25 проценти од кредитот во вид на опрема, предмети или пари. Дополнителни стимулативни средства во висина од 1.000 евра се предвидени доколку се вработи лице кое е невработено по однос на стечај, ликвидација или технолошки вишок.

Невработените лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис можат да аплицираат од 11 овој месец до 2 март во работните клубови на 30-те центри за вработување во Македонија.

За реализација на Проектот за самовработување со кредитирање предвидени се околу 2,5 милиони евра, кои ќе бидат наменети за околу 500 бизниси.

Проектот започна да се спроведува во 2008 година. Во рамки на проектот досега се поддржани 3.653 кредитобаратели, за вработување за 4.257 лица, а одобрена исплата на кредитни средства во износ од околу 12 милиони евра.