На Духовден во храмот „Свети Пророк Илија“ во Елшани се одржа една од највпечатливите и најмасовни манифестации на православната традиција — „Кревање Крсти“.

Парохирскиот свештеник, Отец Атанас Казанџиски ја освети водата во специјално наменет сад /накитен со ореови гранчиња, по што започна да се движи свечената поворка низ селските улици. Верниците, носејќи ги своите икони, со молитвена песна „Да дајт Господ ситна роса – Господи помилуј“. Распеаните верници се упатија кон селскиот извор – симбол на духовна и животна чистота. Таму, симболично ги измија иконите наквасувајќи ги со ореовите гранчиња.

Овој настан, кој се одржува со генерации наназад, уште еднаш ја покажа силната врска на елшанци со православната традиција и нивната желба да го пренесат духовното наследство на идните поколенија.
Автор/фото: Дим Дон












