
Поради основано сомнение дека криминалната група составена од македонски, српски и бугарски државјани се занимава со вршење на кривични дела поврзани со изработка и употреба на лажни платежни картици во јануари била покрената меѓународна истрага во која биле вклучени полициските служби на Р.Македонија и Р.Србија и Р.Бугарија.
Од преземените мерки и активности и со примена на посебни истражни мерки е утврдено дека членовите на криминалната група во повеќе градови во Р.Македонија (Скопје, Тетово, Прилеп, Битола, Ресен, Штип и Кавадарци) поставува уреди за снимање на податоци од платежни картички. Нелегално обезбедените податоци од платежни картички Б.К. и Р.К. ги носеле во Р.Бугарија каде што непознат бугарски државјанин ги изработувал лажните платежни картички. За услугата им наплатувал по 50 % од извадената сума на пари или задржувал половина од нелегално обезбедените податоци. Со вака изработените лажни платежни картички членовите на криминалната група извршиле нелегални трансакции на банкомати на осум домашни банки во Скопје, Тетово, Прилеп и Велес. Согласно со доставените пријави од банките за злоупотреба на платежни картички на нивни клиенти во странство е утврдено дека дел од скимираните податоци од платежни картички се употребени и на територијата на Тајланд и Уганда. Исто така во периодот додека се преземани мерки и активности од страна на Единицата за компјутерски криминал во содејство со банките во Р.Македонија одземени се два уреди за снимање на податоци од платежни картички кои членовите на криминалната група ги поставиле на банкомати во Скопје и Кавадарци.
На 17.04.2012 година при обид да постават уред за снимање на податоци од платежни картички на банкомат во Прилеп од страна на полициски службеници од ПС Прилеп во координација со Единицата за компјутерски криминал приведени се Н.Т., Д.П. и Д.Ј.. Од извршениот личен претрес, како и при претрес во возилото на Н.Т. пронајдени се два уреди за снимање на податоци од платежни картички.
Од страна на Истражен судија на шест од пријавените им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена (на српските државјани во отсуство), а на Н.Т. му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена. Б.К., Н.Т. и Д.П. се познати од порано како сторители на кривични дела од областа на злоупотреба на фалсификувани картички.












