Кристијан Толески, ученик во ОЕМУЦ Св. Наум Охридски, освои златен медал на натпреварот во роботика, вештачка интелигенција и електроника за учениците во средните училишта од Македонија – ROBOMAC Junior 2025. На натпреварот учествуваа 54 учесници од четврта година од над 20 средни училишта од Македонија, кои се натпреваруваа во две категории.

Толески, заедно со уште двајца средношколци од Скопје и Штип, овоија златни медали во категоријата автономна мобилна роботика, организирана од Институтот за автоматика и системско инженерство.

Освен натпреварувачките активности, како што информираат огранизаторите, беа одржани и неколку предавања на популарни теми од роботиката, вештачката интелигенција и електрониката, и тоа: „Мобилна електроника“ од проф. д-р Катерина Ралева и проф. д-р Томислав Карталов, „Роботиката и вештачката интелигенција“ од доц. д-р Горјан Наџински и „Реализација на миоелектрична роботска протеза за рака“ од м-р Благој Христов.

Настанот помина во одлична атмосфера на дружење и натпреварување. Учесниците заминаа побогати со нови знаења, интереси и пријателства, а ФЕИТ и IEEE се обврзаа да ја продолжат оваа убава традиција, редовно и збогатено во иднина, велат организаторите.

Натпреварот се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ, во организација токму на ФЕИТ и студентскиот огранок на IEEE.

OhridNews