Секторот за внатрешни работи Охрид, против трговското друштво за производство и трговија „Ивире“ и неговиот сопственик,  поднесе кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Узурпација на недвижности“ и „Бесправно градење“.

Правниот субјект „Ивире“ и сопственикот,  во периодот од 14 јули минатата, до 14-ти мај оваа година, со намера за владение, неовластено, во селото Трпејца, зазеле недвижен имот сопственост на Република Македонија. Местото, кое било прогласено за имот во општа употреба, се наоѓа на место викано „Краста“ чиј корисник била јавната установа-национален парк „Галичица“. 

Пријавените, врз два објекти-поранешни магацински простори за риба и риболовна опрема, бесправно извршиле градежни зафати, бесправна доградба и надградба, односно пренамена, претворајќи ги во апартмански комплекс и истите ги издавале за сместување на туристи.

Иако знаеле дека  местото „Краста“, е во државна сопственост, фирмата „Ивире“  и сопственикот, веднаш до езерото изградиле масивна бетонска плоча односно тераса, каде вршеле ресторантско- угостителски услуги.