Швајцарските обвинители потврдија дека отвориле истрага против Насер Ал-Хелаифи, катарскиот бизнисмен кој е претседател на францускиот прволигаш Пари Сен-Жермен.

Ал-Хелаифи е еден од најодговорните луѓе во Организацискиот комитет на Светското првенство во Катар во 2022 година, а неодамна францускиот весник „Л’Екип“ го опиша како најмоќниот човек во светскиот фудбал откако ПСЖ го сруши рекордот во висина на исплатени пари за еден фудбалер, добивајќи го Нејмар од Барселона за фантастични 222 милиони евра. 

Швајцарскиот јавен обвинител (ОАГ) го поврзува Ал-Хелаифи со поранешниот генерален секретар на ФИФА, Французинот Жером Валке, кој во 2016 беше суспендиран поради корупција.

„Постојат сомнежи дека Жером Валке прифатил пари од бизнисмен од областа на спортот за да се добијат ТВ-правата за одредени земји на СП во 2018, 2022, 2026 и 2030 година, но и од Насер Ал-Хелаифи во врска со правата за СП во 2026 и 2030 година“, се вели во соопштението на обвинителството, пренесува „Макфакс“.

OhridNews