Три лица и правен субјект заработија кривични пријави поради сомневање дека се сторители на казнено дело „узурпација на недвижности“ и тоа во заштитената зона на брегот на Охридското Езеро. Станува збор за лицата Н.З.(59) од Охрид, Н.И. од Струга, Р.Б. од Охрид како и против компанијата „Нефи ИК“ со седиште во Охрид.

Според полицискиот записник, првопријавениот иако знаел дека неговата катарстарска парцела во населбата „Далјан“ во близина на Охридското Езеро, се уште не е запишана во Агенцијата за катастар на недвижности на негово име, со намера да ја прошири парцелата ги ангажирал второ и трето пријавените – вработени во правниот субјект од Охрид и побарал дотур на земја, камен и крупен градежен шут на брегот и во водите на Охридското Езеро.

Истите извршиле дотур на земја и камен со што ја прошириле парцелата на 900 метри квадратни навлегувајќи дури и во водите на Охридското Езеро.

Овој случај беше пријавен уште во ноевмри минатата година, кога беше регистрирано и снимено како со тешка механизација се насипува земја и шут во Охридското Езеро, во непосредна близина на новиот комплекс згради и дом за стари лица во изградба кон Извидничкото одморалиште кај Далјан. Уште тогаш на терен излезе инспекција на Општина Охрид и на Минситерството за животна средина и просторно планирање, кои потоа побараа од полицијата да го пронајде сторителите.

OhridNews