Пријавените, во својство на Директори на Јавната здравствена установа “Здравствен дом “-Охрид, со свесно пропуштање на должен надзор и очигледно несовесно постапување во вршење на своите должности и овластувања, во периодот од октомври 2006 до октомври 2009 година, не презеле никакви мерки за наплата на лекови во износ од 546.914 денари, со што го оштетиле Здравствениот дом односно Буџетот на РМ.
Според СВР Охрид, пријавените со комисиски пописни листи и две фактури, продале лекови со исправен рок на употреба, од здравствен дом, на концесионер на Аптека од селото Белчишта. Во текот на Декември 2007 година, купувачот на лековите, самоволно ја откажал концесијата и лековите кои воопшто не биле платени и ги вратил во охридскиот Здравствен дом. Дел од повратените лекови биле со поминат рок, но пријавените не презеле никакви мерки кон концесионерот, не побарале и не спровеле наплата и лековите едноставно ги примиле назад. Покрај тоа, директорите, од страна на Бирото за лекови на РМ, побарале поништување на лековите односно нивно термичко спалување.