Поради постоење основи на сомнение за сторени вкупно 17 казнени дела „Кражба“ и „Тешка кражба“ СВР Охрид  поднесе кривична пријава против двајца охриѓани, како и против две лица од Кичево.

– Пријавените охриѓани кривичните дела ги извршиле во текот на изминатите два месеца со насилно кршење на вратите и прозорците. Од објект каде се наоѓаат водните пумпи за општина Дебарца, бесправно одзеле електромотор со кабли, потопна пумпа, наставци за метални цевки и неколку рачки за округли шибери. Двајцата пријавени од работна машина сопственост на „Охридски комуналец“ кај месноста „Мауцкер“ одзеле два акумулатори, а од неколку викенд куќи во населбите Чекоштина, Габавци и селата Вапила, Рамне, Рача и Лакочереј, одзеле мотокултиватор со фреза и прскалка, бакарни пумпи, месингани прскачи, рачна пумпа за вода, бормашина, шлајферица, музички систем со звучници, алкохолни пијалоци, низалки со суви пиперки, венци кромид и други предмети.  На тој начин тие се стекнале со против-правна имотна корист од 157.500 денари, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Пријавените лица од Кичево, кражбите ги извршиле во периодот од декември минатата до февруари оваа година. Користејќи подесен алат и физичка сила, тие ги кршеле бравите од влезните и балконски врати на повеќе куќи во Охрид и одземале пари, златен и сребрен накит, бижутерија, лап-топ комјутери, рачни часовници и други вредни предмети. Со тоа, се стекнале со против-правна имотна корист од 221.000 денари.  

OhridNews