Локалната власт ќе удри по џебот на граѓаните покачувајќи ги цените на услугите на ЈП Охридски Комуналец и ова е уште еден доказ за погрешното менаџирање на Локалната со Јавните претпријатија и тоа на штета на граѓаните, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО СДСМ Охрид Јован Крлев.

Освен физичките лица не се изземени ни правните лица на кои им се товарени околу 20% и повеќе покачување на услугите. Со кое лице ќе ги покачуваат цените кога градот цело лето се дави во ѓубре, кога преполните контејнери и неисчистени улици се секојдневна грда слика и за охриѓани и за туристите. Како ќе го оправда ваквото однесување? Кој трошоци на претпријатието се зголемија за да се зголемат и трошоците на охриѓани? Што се крие позади ова? Дали се вистините наодите дека претпријатието и Локалната власт за изнајмување на машини за чистење на градот од битолска фирма за отпад и метачки трошат фрапантен износ од неколку илајдници евра месечно? Прашањето е: Дали тоа можеби сакате да го покриете со народни пари, па зголемувањето на цените на услугите за граѓаните го правите?, вели Крлев.

Претседателот на Совет, Сашо Донев, додаде Крлев, на една од минатите седници вети дека ќе формира комисија од советници од сите политички партии во Советот, за да ги разгледаат проблемите во ЈП-ја и да изнајдат начин за нивно порентабилно работење.

Зголемувањето на цените требаше да биде крајна варијанта, но ниту комисија се формира, ниту се разгледа друга можност. Најлесно е да се земе од граѓаните. Тие треба да ја платат неспособноста на овие кадри односно некадри кои ја водат Локалната и ЈП-ја. Поставата од ДПМНЕ наместо да кажува како централната власт се справува со светската економска криза, нека се грижи како менаџира на локално ниво. Охриѓани нема да плаќаат за нивната неспособност, рече Крлев.

Н.С.Ј.