Локалната власт предводена од ДПМНЕ на 24-тата седница на Советот на Општина Охрид од советниците бара согласност за измени на годишниот План за вработување на Општина Охрид за 2023 година. Во услови на глобална економска и енергетска криза локалната власт си дозволува луксуз да побара унапредување на осум работници и согласност за вработување на 14 нови работници наспроти испразнетите 4 места по основ на пензионирање, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО СДСМ Охрид, Јован Крлев.
На овој начин се покажува тотална несериозност, игнорирање на актуелната финансисика состојба и најважно од се непочитување на своите граѓани од чии средства во најголема мера се полни општинскиот Буџет. Планираните вработувања не претставуваат потреба произлезена од работата, туку задоволување на својата партиска агенда. Во услови кога ЈП-ја мака мачат да поделат плата на своите вработени, локалната власт има потреба од 14 нови работници од кои во најголем број раководители, соработници и референти. За овие нови вработувања глобалната економска и енергетска криза не претставува никаков проблем. Но, затоа токму таа криза беше причина речиси сите ЈП-ја аго зголемат цените на своите услуги, без никаква финансиска анализа, вели Крлев.
Со вакваката одлука, додава Крлев, се разобличува лажната загриженост на локалната власт за граѓаните, а паѓаат во вода и сите оправдувања дека цените во јавните претпријатија ги поскапуваат како неминовна последица од економската криза како и сите обвинувања кон централната власт и претходното локално раководство изречени секогаш кога за своите постапки и делувања не можеа да најдат основани аргументи.
Потенцира дека граѓаните бараат исполнување на ветувањата, подобрување на квалитетот на живеење, не нови цени и 14 нови вработувања во и онака превработената општинска администрација.
Затоа упатуваме апел до сите советници во Советот на Општина Охрид, без разлика на партиската определба, да застанат на страната на граѓаните и да не го дадат својот глас за 14 нови вработувања во општинската администрација. Сопствените заложби да ги насочат кон реализација на ветените проекти. На граѓаните не им се потребни нови раководители туку капитални инвестиции кои ќе го направат подостоинствен и поквалитетен нивниот живот, додава Крлев.
Н.С.Ј.