Од сите ветени проекти, ВМРО ДПМНЕ еве веќе нешто повеќе од една година ги исполнува доследно проектите за зголемување на цените на јавните претпријатија во градов, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО СДСМ Охрид Јован Крлев.

Зошто се зголемени цените за скоро 100% во Јавното претпријатие „Градски гробишта“? Последното поскапување на цените во ова јавно претпријатие беше врв на неодговорноста на менаџерскиот тим и безчувствителноста во поглед на задоволување на партиските апетити. Која е потребата да се зголемат цените во ЈП „Билјанини извори“ во различни сегменти од услугите кои ги нудат или кои им се причините пак за покачување на цените во ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Градски пазар“? Ваквото поскапување на цените во иднина ќе го испразни пазарот од закупците или ќе ги зголеми цените на земјоделските производи, вели Крлев.

Секое зголемување ДПМНЕ го претставува како потреба поради светската економска и енергетска криза додава.

И додека постојано ги изложуваат овие причини, истите реализираат нови вработувања, дуплираат работни места, ангажираат надворешни правници и адвокатски куќи во претпријатијата и најлошото од се’е што им доцнат со плати на вработените. Всушност, зголемувањето на цените претставува покажување на  моќ, строга послушност на широкото мнозинство во Советот кое дава амин на сите одлуки од Локалното раководство, додаде Крлев.

Н.С.Ј.