Кроација осигурување – Друштвото за неживотно осигурување во деловната 2011 година забележа раст на премијата од 82 отсто, со склучени над 50.000 договори или 64 отсто повеќе од 2010 година.

Како што пренесува „Макфакс“, компанијата, во втората година од работењето на македонскиот пазар, оствари добивка пред оданочување од 12,24 милиони денари (200.000 евра), како резултат на раст на приходите во 2011 година за 97 отсто повеќе во однос на претходната година.

„Исплатени се штети во износ од 57 млн. денари, а техничките резерви изнесуваат 158 млн. денари. Вложувањата на Друштвото изнесуваат 310 млн. денари и ги покриваат резервациите, проценети на 25 млн. денари“, соопшти компанијата.

Притоа се наведува дека во изминатите две години компанијата отворила 15 продажни места-подружници низ целата држава и вработува 60 работници од кои 60 отсто се млади луѓе без претходно работно искуство.

“Во целост сме задоволни од постигнатите резултати, посебно од одзивот на пазарот за нашата ефикасност во исплаќање оштети кои имаат основ според полисата за осигурување. Посебно важно е дека брендот успешно се етаблира на нашите простори и ги следи успешните резултати на групата Кроација осигурување во регионот која во 2011 година забележа промет од 400 млн. евра и добивка од 15 млн. евра“, изјави Генералниот директор  на Друштвото, Драган Лазарески.

OhridNews
Извор:„Макфакс’