Ракометарите на Охрид, в недела со почеток во 17 часот, на домашен терен во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе го пречекаат составот на Пролет во дерби средбата од првата рунда во вториот круг од Супер лигата. Мечот ќе биде посебен од неколку аспекти а секако за издвојување е големата родененска прослава на „Рибари“ кои подготвуваат спектакл по повод 30 години.

Капитенот на охридскиот ракометен клуб, Крсте Андоновски најавува победа бидејќи тој ќе биде најдобар начин да им се честита јубилејот и роденденот на „Рибари“.

Традиционално за нас тимот на Пролет е многу незгоден ривал и само тој успеа да не победи во досегашниот дел од сезоната. Им должиме за тој пораз и за ланската елиминиција во трката за плејофот. Најголем мотив за победа ќе биде јубијелот и роденденот на „Рибарите“ кои ни се ветар во грб во текот на овие осум сезони. Со победата на најдобар начин ќе им го честитам роденденот а ние ќе се доближеме чекор поблиску до плејофот. – изјави Андоновски.

Според Борче Соколов одбраната ќе го одлучи конечниот исход од натпреварот. Соколов е предводник на бедемот пред голот на охриѓани кој најдобар во досегашниот дел од Супер лигата.

Максимално сме подготвени за предизвикот наречен Пролет. Подготвени сме да изгинеме во одбрана се со цел да постигнуваме лесни голови во напад. Сезонава покажавме доста квалитет и со голема самодоверба влегуваме во средбата со Пролет. – истакна Соколов.

Од клубот ги повикуваат сите љубители на ракометот да бидат дел од спортскиот спектакл за кој долго ќе се зборува и ќе се прераскажува.

Мх.П.

Спортскиот викенд во Охрид во знакот на „Рибари“