Утринските богослужби во парохиските цркви во Охрид, на 19-ти јануари, на прославата на Богојавление-Водици ќе започнат во 7 часот, а во 8.30 литургиите. Во 9.45 литиите од сите парохиски цркви ќе се упатат кон градското пристаниште каде во 10 часот ќе се врши водосвет и ќе се фрла крстот во осветените езерски води, информираат од Дебарско-кичевската епархија.

Пријавувањето на заинтересираните капачи ќе почне од понеделник и ќе може да се изврши во сите парохиски цркви во кои ќе има служби. Пријавените капачи од 18 јануари во 19 часот ќе можат да извршат и медицински прегледи во поставени шатори кај Рибниот ресторан, изјави Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија.

Претседателот на Организациониот одбор за Водици, Љупчо Грданоски, потенцира дека подготовките за празнувањето се при крај и се одвиваат непречено.

Се уредува просторот, расчистува дното на езерото. И годинава ќе има групно крштевање кое ќе се изврши во 12 часот на Сараиште. Се уште се чека списокот на гости од државниот врв и странство кои ќе присуствуваат на настанот, вели Грданоски.

Прославата на Водици ќе продолжи и во вечерните часови, кога на главната сцена на градскиот плоштад ќе настапи групата Фолтин.

Денот на рибарите традиционално ќе се одржи наредниот ден, на 20-ти јануари, на Сараиште каде ќе се одржи капењето на рибарите, а присутните ќе имаат можност да пробаат рибна чорба, плашици, пача и вино.

OhridNews