Ако до пред 20 години бројот на родни стебла круша во земјава изнесуваше околу 1 милион, оваа година бројот е намален на 360 илјади. Како причини се наведуваат промените на климатските услови, но и разните болести како ервинија, од кои македонските овоштари веќе одамна кренаа раце. Сепак, група турски бизнисмени најавуваат враќање на оваа овошка во регионот, преку инвестиции токму во оваа гранка.

Федерацијата на фармери од земјава, најавуваат соработка со овоштари од турскиот град Бурса, кои ќе го зголемат производството и насадите на круша во земјава. Најавени се изградба на ладилници, посадочен материјал и откупни центри, преку кои ова овошје ќе се пласира на пазарот.


Увидовме дека во Македонија нема квалитетен саден материјал од круши. Затоа сакаме преку инвестиција, да го зголемиме бројот на квалитетни насади. Сметаме дека видот „санта марија“ би успеал на оваа почва, поради специфичните климатски услови во вашата земја.  Исто така, турската сорта „девиџи“ која се уште ја нема на пазарот во Македонија, е доста интересна за купувачите“ – изјави Фатих Чангајал – бизнисмен од турскиот град Бурса.

Според претседателот на ФФРМ, Андрија Секуловски, дефицитот на оваа овошка е предизвик за бизнисмените од Турција да помогнат со инвестирање во овоштарството во земјава. „Преку инвестициите, ќе им се помогне на нашите земјоделци попрофесионално да се занимаваат со оваа дејност. Овие бизнисмени ќе ни помогнат со пренесување на искуствата околу функционирањето на кооперативите.“ – вели Секуловски.

Инаку, производството на овој плод во земјите од регионот е дефицитарен, а преку инвестирање во оваа гранка ќе може да се овозможи добар пласман вон границите на земјава.

OhridNews