Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија се спротивставува и остро реагира на предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести, во однос на тоа вработените во јавниот сектор во локалната самоуправа, „за да можат да одат на работа, да имаат примено најмалку една вакцина против Ковид – 19, да приложат негативен ПСР тест, не постар од 72 часа, направен на сопствен трошок или потврда за прележан Ковид -19, не постара од 45 дена“.
Со предложените мерки се прекршуваат основните човекови права коишто се загарантирани со Уставот и законите на државата, но и со европските и светските конвенции за заштита на истите. Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести на чело со Министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата, трошоците за ПСР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80,000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права, велат во соопштението од КСС.
Апелираат Владата да размисли добро дали ќе ги донесе овие мерки. Во спротивно, КСС ќе ги искористи сите синдикални мерки кои што ни се на располагање за да се избори против оваа неправда нанесена врз човековите права на работниците.
Министерството за здравство со рекација на соопштението на Конфедерацијата на синдикати во кое се тврди дека мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести се „присилна вакцинација“.
Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно, доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат, не се присилени да го направат тоа. Истите мерки кои ги предлагаме се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и Грција, каде одамна се во сила. Во услови кога се заканува нов силен ковид-бран, должност на Министерството и Комисијата е да предлагаат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати како за намалување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население, истакнуваат од Министерството за здравство. Протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така спротивно на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции, велат од МЗ.
Апелираат на одговорност на сите граѓани и чинители во општеството со цел заеднички да се надминат сите предизвици со пандемијата која за жал, сè уште коси во светот.