Најпосакуваната награда од областа на фолклорот стана реалност и за охриѓани. Културно Уметничкото Друштво „Охриѓанка“ во понеделникот се закити со највисокото одличје, на фолклорните смотри на ниво на државава.
Во конкуренција на претставници од повеќе градови од земјава, нашите охриѓани уште еднаш ја докажаа високата културна традиција на градот, освојувајќи ги симпатиите на жирито и публиката. Прекрасната изведба на сплетот од игри и песни „Пирин“, им ја донесе титулата за најдобро Културно Уметничко Друштво во Македонија.
„Вложениот труд и вредното работење на членовите и раководството на КУД „Охриѓанка“ не искачи на првото место. Планот да се добие најпосакуваната диплома и титула стана реалност. Со ова уште еднаш докажавме дека Охрид е град на културата, традицијата и историското наследство. Еден спој на модерното и традиционалното богатство.“ – велат од КУД „Охриѓанка“.
Инаку, ова друштво неодамна го освои и првото место, на регионалните фолклорни смотри со учесници од југозападниот дел од земјава.
OhridNews