„Куќата на Паунковци“ која е лоцирана на почетокот на улицата „7-ми Ноември“ во Охрид, годинава ќе добие нова фасада и комплетно обновен надворешен изглед. Оваа семејна куќа е изградена во 1930 година, а поради својата автентичност и уникатност е дел од заштитените објекти на Охридската градска архитектура.
Од Националната установа Завод и Музеј од Охрид, најавуваат дека активностите за конзервација на фасадата ќе започнат наскоро.
-Доколку дозволат временските услови, за околу еден месец би требало да започнат активностите за обновување на надворешниот изглед на оваа куќа. Според планираното комплетно ќе биде обновена нејзината фасада, балконите и прозорците, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј од Охрид.
Средствата за реализација на овој проект се предвидени во Годишната програма на Министерството за култура на Република Македонија.
OhridNews











