Деценискиот проблем со поплавување од канализација кој го имаат повеќе индивидуални ќуќи на улица „Галичица“, никако да се реши. Викендов повторно дошло до избивање на фекалната канализација која ги поплавила подрумите и гаражите на куќите кои се наоѓаат под нивото на улицата „Галичица“.
Интервенирале екипи на „Нискоградба“ кои го санирале дефектот. Сопствениците на куќите велат дека водата бавно се повлекува и дека сега мора да извршат дезинфекција за да спречат несакани последици.
-Сега ќе треба да чекаме да се повлече фекалната канализација од нашите куќи и дворови. Потоа треба со јаки дезенфекциони средства да ги исчистиме просториите, со големи количини вода да ги измиеме дворовите, а во исто време ние живееме во тие куќи и го дишеме тој воздух.-велат револтираните жители.
Тие истакнуваат дека при секое наидување на дождови и при мало запушување на канализацијата, куќите пливаат во фекалии. Добиле многу ветувања, но до сега проблемот не е решен.
-Вака е отсекогаш тука. Добивме бројни ветувања од поранешните и сегашниот градоначалник дека проблемот ќе биде решен, но од тоа нема ништо.-рекоа жителите.
Г.М.