Православните празници кои традиционално се одбележуваат овие месеци, граѓаните од охридскиот регион најчесто ги чествуваат како свои куќни слави. Овие празнувања, низ историјата на народот се пренесуваат од постарите генерации. Најчесто, славата се слави со најблиските од фамилијата. Дел од нив се наследуваат, а други сами одредуваат кој светец ќе им биде заштитник на семејството.


На овие празници, трпезата на охриѓани е традиционално богата. Во зависност од периодот во кој паѓа празникот, славата може да биде посна или мрсна. Според Отец Димче, православната црква празниците ги одбележува на свој начин преку принесување на бескрвна жртва. „Лебот кој се пее за време на литургијата го претставува Христовото тело, додека виното ја претставува неговата крв. Кога лепчето се натопува со вино, тоа означува соединување на Христовото тело и крв во една супстанција. Од друга страна, традиционалната пченица го претставува воскресението на Исус“ – вели Отец Димче.


Отец Димче истакнува дека до 27-ми ноевмри деновите се мрсни, а потоа славите се чествуваат како посни. „Од 27-ми ноември до 7-ми јануари, славите се посни. Човекот во овој период се припрема за раѓањето на божјиот син. Поголемиот број од куќните слави се токму во овој период, почнувајќи од октовмри па се до месец февруари. Дел од славите се таканаречени селски слави, кои се празнуваат од едно одредено село“ – додава Отец Димче.


Инаку, традиционалната трпеза за време на славите е богата со риба, гравче, пченица како и туршија. Денеска, православните христијани го чествуваат името на светите великомаченици Мино, Виктор и Викентије. Оваа куќна слава е традиционална за селото Коњско, во охридскиот регион.

O.T