Туристичкиот шпиц на Охридско – Струшката ривиера доживува кулминација. Викендот пред големиот национален празник Илинден ги наполни двата крајезерски града. Преполни чаршии, кафулиња и ресторани исполнети до последното место. Во хотелите и приватното сместување се бара кревет повеќе, а на плажите викендов нема игла каде да падне.

Да се стигне до плажа, како и за враќање треба многу трпение, внимателност, но и среќа за да се најде паркинг место. Околу хотелите и популарните плажи паркингот за автомобили се наплаќа, а цените се различни 50, 100, а некаде и 200 денари за цел ден. Онаму каде што не се наплаќа паркинг тешко се наоѓа, а не ретко возилата се паркираат на самите плажи.

Бројните ноќни забави, фестивали, музичко сценски перформанси во овој период од годината дополнитечно ги привлекуваат туристите. Покрај домашните, најбројни се гостите од соседството, Холанѓани, Полјаци, Турци…

Културата на ниско ниво, Комуналец чисти во три смени

Јавната свест кај дел од гостите е на ниско ниво. Тоа го потврдува сликата што ја оставаат зад себе по ноќните забави со купишта отпад, остатоци и амбалажа од храна и пијалоци на јавните површини и парковите.

Зголемен е бројот на вработени кои извршуваат работни задачи во три смени, секојдневно се врши празнење на сите корпи за отпадоци од јавни површини, а зголемена е динамиката на празнење на контејнери со цела можна работна сила и расположлива механизација. Поставени се поголем број контејнери и корпи за отпадоци посебно во централното градско подрачје и по езерскиот кеј, информира јавното претпријатие „Охридски комуналец“.

Високите температури и големата гужва во градот ги зголеми повициите на Брзата помош. Со заслилени тимови постојано интервенираат на колапси, инфаркти, но и пијани пациенти.

Најмладите алкохолизирани пациенти имаат само 16 години, велат од Брзата помош.

 

За безбедноста во градот се грижи полицијата.

Фокусот е ставен на спречување на нарушување на  јавниот ред и мир, кражбите по плажи и домови и подигнување на безбедноста во сообраќајот. –  информира СВР Охрид.

Според најавите не метеоролозите, во првата недела од август не очекува сончево и пријатно време со температура околу 30 степени и индекс на УВ зрачење 8.

OhridNews