Охридњуз објавува серијал текстови во кои ќе ги претстави успешните охридски приказни во годината што измина, кои се позитивен пример и мотив за заедницата. 

По пауза од половина век, долги години чекање, најави, ветувања, Охрид конечно во 2011 година доби свој професионален театар.

Прва претстава на сега веќе етаблираниот театарски ансамбл беше „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветановски. Оттогаш, па досега се одиграни 35 премиери од режисери, еминентни имиња од областа на театарот во нашата држава. Реализирани се 67 гостувања по различни театри и фестивали. На матичната сцена се одиграни преку 400 претстави, пред 39 000 посетители.

Последните две премиери на НОТ реализирани оваа година, „Енергични луѓе“ и „Секс, лаги и љубомора“ со месеци го полнеа гледалиштето, а за претставите се бараше карта повеќе.

Народен театар Охрид кој работи при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, е добитник на 5 награди од реномирани фестивали во Македонија, како Војдан Чернодрински во Прилеп, Ристо Шишков во Струмица и од фестивали надвор од земјата.

Охридскиот ансамбл засега брои 10 актери, исклучително талентирани и амбициозни ентузијасти, кои во време на морална и каква ли уште не криза, на охриѓани им овозможуваат врвни уметнички доживувања и културно воздигнување.

За придонесот во развојот на културата, Народен театар Охрид при НУ „Центар за култура Григор Прличев“, го доби Признанието за културна приказна на годината, што го доделува редакцијата на Охридњуз .

Г.М.