Да се зголеми почитувањето, меѓусебната толеранција, да се прифатат културните разлики- е целта на проектот насловен “Разликите не збогатуваат” чија завршна приредба ќе се одржи утре во просториите на ОУ “Дебрца”.

Во проектот, во кој освен основците од Дебрца се вклучени и учениците од ОУ “Нове Фужине” од Љубљана, се подготвува веќе две недели. За тоа време учениците од двете училишта имаа можност да се запознаат со се она што е белег на двете култури. 


Иницијативата за реализација на проектот е на Мирче Иванов, македонец кој со години живее и работи во Република Словенија. Воедно тој е и претседател на македонското културно друштво “Македонија”. По негова иницијатива секоја година се поврзуваат училишта од Словенија и Македонија, кои потоа преку бројни активности меѓусебно се запознаваат . Нашите ученици во рамки на презентацијата, утре, ќе покажат што се научиле за земјата и  традицијата на своите врсници од Словенија, за историското минато на Словенија, културните, историските, географски карактеристики. Ќе има и видео презентации кои ќе бидат разменети меѓу двете училишта, вели директорката на ОУ “Дебрца”, Весна Шопоска.

Во мај годинава предвидена е посета од страна на македонското културно друштво во Македонија, по која можни се посети во Словенија и од страна на нашите ученици.

Завршната приредба од проектот во Љубљана ќе се одржи во понеделник, на која словенечките ученици ќе презентираат што се научиле за Македонија.

OhridNews