Богатотото културно наследство што го поседуваат земјите од Балканот треба да се валоризира и искористи за креирање заеднички туристички производ, кој ќе биде кокурентен и компетитивен на светскиот пазар. Ова меѓу другото беше истакнато на научната конференција „Културниот коридор Софија – Охрид – Културен туризам без граници“, што во организација на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид,  Универзитетот „Неофит Рилски“ – Благоевград и Економскиот факултет во Варна, се одржува викендов во Охрид.


Според научните работници културните коридори кои се испреплетуваат на Балканот можат да привлечат голем број туристи, што покрај економска корист, ќе придонесе и за намалување на предрасудите кои сеуште постојат на овие простори.

– Ние сме тука на Балканот и ќе почнеме со работите кои не спојуваат, се разбира не занемарувајќи ги оние мали разлики кои што би можеле понатаму во развојот да бидат одредена пречка, изјави деканот на ФТУ Охрид, проф. Д-р Сашо Коруноски.


Професорот Борис Колев од Универзитетот „Неофит Рилски“ од Благоевград, укажува дека културата има широко значење и таа му дава нова димензија на туризмот.

-Културата има и едукативно значење и овозможува да се разбере другиот, соседот од другата страна на границата, таа ги зближува народите и што е најважно за разлика од другите видови туризам, зимскиот или морскиот туризам нема сезоналност, затоа што културните знаменитости можат да се посетуваат преку целата година. Но за тоа не е доволно да се поседуваат само хотели и ресторани туку треба да постои стратегија и да се вклучат сите чинители на туризмот, вклучително државите и локалните самоуправи, вели професорот Колев.


Експертите сметаат дека идејата за Културен туризам без граници не е неостварлива. Според нив границите кои сеуште постојат помеѓу земјите во регионот не се голема пречка за развој на културниот туризам, бидејќи таа ќе исчезне со влегување на државите во ЕУ. Тие многу повеќе се загрижени за заштитата на културното наследство, кое доколку не се сочува не може да се валоризира.

– За жал искуствата покажуваат дека културното наследство на повеќе начини се загрозува, од несоодветен однос на туристите кон него што би требало да поттикне активности за едукација и подигнување на културата на однесување кај туристите, до загрозување преку несоодветна презентација, а посебно загрижуваат појавите на несоодветни градби на објекти во споменичните целини и воопшто во урбаните амбиенти со кои што на некој начин се обезличува душата на наследството се дехуманизира целиот простор и се обезвреднува на индиректен начин  културното наследство. Последиците од таквиот однос  можат да бидат долготрајни и ненадоместливи, предупредува професорот Пере Аслимоски од ФТУ Охрид.


Професорот Науме Мариноски укажува на потребата од поактивно вклучување во научните проекти на културните работници, кои според него не пројавуваат доволен интерес, иако како што вели,  Охрид има извонреден потенцијал за развој на културниот туризам.

Учесниците на научната конференција сметаат дека иницијативата заслужува внимание и поддршка од сите чинители на туризмот, без што според нив, неможе  да се развие конкретен туристички производ.

– Потребно е оваа идеја да добие несебична поддршка и да прерасне во обединувачки развоен проект, од кој повеќе ќе научиме,  вели професор д-р Јаготка Стрезовска од ФТУ Охрид.


Идејата за „Културен туризам без граници“ и создавање на регионален туристички производ беше иницирана од претседателите на државите од Балканот во Охрид во 2003-та година. На нејзина реализација долг период работат професори од ФТУ во Охрид, Универзитетот „Неофит Рилски“ од Благоевград и катедрата за туризам при економскиот факултет во Варна, Бугарија, а идејата  е поддржана од научните кругови во Србија, Хрватска, Црна Гора, Грција , Косово и Албанија.

Г. Момироски