Македонскиот куп ќе добие нов сопственик по елиминацијата на бранителот Работнички од “домаќинот“ Торус со 80-74 во првиот натпревар од “фајнлејт“ турнирот.


“Градежниците“ до триумфот стигнаа благодарение на подобрата игра во вториот дел од мечот откако по првите два периода на семафорот стоеше 34-34.

Третиот период го добија домаќините со 19-11, а предноста успеаа да ја зачуваат и во тензичниот последен квартал во кој играчите повеќе беа на линијата за слободни фрлања отколку што и реално играа.

Четворица кошаркари кај Торус го завршија мечот со двоцифрен број на поени. Дамчески уфрли 20, Караџоски 14, Блажески 12, додека Рејнолдс покрај 14 поени имаше и 10 скока.

Во тимот на Лазовски, најпрецизен беше Хаџибулиќ кој постигна 26 поени.

Торус во полуфиналето ќе игра со МЗТ Скопје откако “штрковите“ рутинирано го совладаа Вардар со 91-79.
М.П.