Скршени столчиња, претепани навивачи, колапс на навивач на трибина, недолично навивање, влез на навивач на теренот беа дел од декорот на синоќешниот полуфинале меч помеѓу Амак СП и Фени кој фрли дамка на одличниот натпревар кој го прикажаа актерите на теренот. Организацијата на купот се претвори во фијаско. Незамисливо е како може  воопшто да се започне еден натпревар без притоа да не биде озбезбедно дежурно амбулантно возило.


Навивачот на Фени кој колабираше по жестокaта интервенција на охридската полиција едвај спаси живот. Тој колабираше на трибините и благодарение на неговите другари беше изнесен на раце од салата.  По интервенцијата на надлежните првата помош пристигна при што беше избегната поголема трагедија. Според нашите инфорамции состојбата на повредениот е стабилна.

Кај неутралната публика на натпреварот остана дилемата дали полицијата не реагираше повеќе од жестоко во скротувањето на педесетина голобради мочиња, од кои најголем дел беа малолетници. Дали употребата на сила беше во границите на дозволеното и дали полицијата нема и други методи да спречи навивачки немири, доколку однесувањето на кавадаречките навивачи воопшто така може да се окфалификува. Подготвена ли беше организацијата за куп натпреварот за доаѓањето на навивачи од други градови и дали реакцијата на органите на редот не беше претерана?

Ohridnews ја контактираше охридската полиција од каде најавија дека во текот на денот ќе не информираат за синоќешната интервенција на полицијата во спортската арена „Билјанини извори“ која со посредство на камерите на националната телевизија ја проследи пошироката македонска јавност.

М.П.