Екипата на Куманово славеше над Младост 1977 од Богданци 29:25 во вториот полуфинален натпревар од Купот на Македонија, група В, и ќе го предизвика ГРК Охрид во меч за пласман на Ф4 турнирот.
Првото полувреме од натпреварот кој се одигра во салата „Билјанини извори“ во Охрид, донесе рамноправна игра во која кумановци за нијанса подобро се снаоѓаа на теренот. Во ист ритам продолжи и второто полувреме. Куманово резултатски се одлепи и не го испушти водството до крајот на мечот. Екипата на Младост која ја предводи охридскиот стратег Горан Андоновски, се обиде да ја стигне предноста на противникот, но Куманово ги одби сите налети.
Мечот за пласман на Ф4 турнирот од Купот на Македонија помеѓу Охрид и Куманово ќе се одигра вечерва во салата „Билјанини извори“ со почеток во 18 часот.
Победникот ќе им се придружи на екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид, кои претходно обезбедија пласман на завршниот турнир од Купот на Македонија.
Г.М.














