Ракометниот клуб Охрид се пласираше во следната фаза од Купот на Македонија, победувајќи го Делчево со 45-12 (21-8), во натпреварот од 1/16 финалето.

„Гладијаторите“ без поголеми проблеми ја оправдаа фаворитската улога на гостувањето во Делчево, разбивајќи го домаќинот на почетокот од натпреварот. Охриѓани првиот дел го завршија со предност од 13 погодоци разлика (21-8). Избраниците на Раде Стојановиќ вториот дел го отворија со 7-0 за предност од 20 голови. Но тука не застанаа, продолжија во ист ритам и после 45 минути игра стекнаа предност од 30 голови (39-9). До крајот достигна 33 разлика, а Охрид славеше со 45-12.

Во четвртфиналната фаза се игра во групи. По пат на ждрепка се формираат четири групи по четири екипи. Првопласираните обезбедуваат пласман во завршницата од Купот на Македонија. Охридскиот ракометен клуб треба да биде носител во ждрепката, затоа што оствари најдобар резултат од екипите, кои се натпреваруваа во Супер лигата.

OhridNews