Екипата на Сатеска ќе го брани трофејот во Општинскиот Куп, откако обезбеди пласман во финалето. „Црвените“ во полуфиналето го совладаа тимот на Лакочереј со минимални 1-0.

Третолигашкото дерби во полуфиналето понуди голема борба на теренот. Во почетните десеттина минути Лакочереј беше блиску до водечки погодок, но ударите на играчите од навалната линија не ја погодија целта.

Казната за нереализираните прилики стигна после половина час игра. Во мешаницата од играчи најдобро се снајде Даниел Цветкоски, кој ја затресе мрежата и го отвори резултатот.

Погодокот внесе мала нервоза на теренот, а тензичната атмосфера беше смирена со два црвени картони кои ги додели главниот судија Марјан Ецкоски. Двете екипи останаа со десет фудбалери.

Во второто полувреме, Лакочереј имаше иницијатива на теренот и создаваше шанси, но Сатеска добро го чуваше водството. Пред крајот на мечот Сатеска пропушти шанса за втор погодок и решавање на сите дилеми, откако не реализираше удар од белата точка.

Во финалето од Општинскиот Куп, Сатеска ќе ги одмери силите со подобриот од вториот полуфинален натпревар во кој ќе се сретнат Дебрца и Охрид.

Мх.П.