Австрискиот премиер Себастиан Курц ги повика македонските граѓани да излезат на референдумот и да гласаат „за“ Договорот за името и за европската перспектива на земјата. На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Курц го поздрави компромисот за името и кажа дека решавањето на ова прашање е шанса за Македонија, за европската динамика.

„Го поздравувам компромисот за ова прашање и би сакал да ги повикам граѓаните да учествуваат на референдумот и да се изјаснат за Договорот за името и за европската перспектива на државата. Тоа, се разбира е одлука на секој поединец, но како пријател на Македонија би било многу позитивно ако има високо учество на граѓаните, како и позитивен исход од референдумот“, рече Курц.

Заев нагласи дека верува во успешноста на референдумот и дека посетата на високи државници деновиве на Македонија, јасно кажува дека Македонија е добродојдена во Европската Унија.