Реализацијата на проектот „Музеј на вода“ чинеше нецели два милиони евра, изјави денеска во Охрид, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Тој ги демантираше шпекулациите околу цената на проектот „Музеј на вода“ во Градиште, односно, како што кажа, обвинувањата на градоначалникот Александар Петрески дека за изградба на наколната населба се потрошени десет милиони евра државни пари.

– Да се каже дека се потрошени десет милиони евра за Музејот на вода тоа е ноторна лага. Граѓаните треба да ја знаат вистината, дека за наколната населба се потрошени 1.990.000 евра, рече Кузман. Тој додаде дека од тие средства за проектот, речиси четири милиони денари се издвоени на име комуналии за проектот, пари кои на инсистирање токму на Петрески биле префрлени во МЈП „Проаква“, само за да му се помогне на претпријатието кое во незавидна финансиска состојба.

Според Кузман таквите изјави се против интересите на градот бидејќи, како што рече, проектот „Музеј на вода“ привлекува големо внимание и е објект од кој се очекува да биде „мека“ за туристите кои доаѓаат во Охрид.











