Водата во Охридско Езеро според последниот извештај на Институтот за јавно здравје врз основа на примероци земени во период од 1.1.2023 година до 28.6.2023 година ги исполнува законските барања во однос на физичко – хемиската анализа и истата се класифицира во прва и втора класа.

Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода се класификацираат како одлична во поголемиот дел од мерните места. Квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како класа добра. Промената на класификацијата на езерската вода може да се должи на природното струење на водата или заради испуст на септички јами од страна на сопствениците директно во езерото, но најчесто и заради атмосферската канализација во која се вклучени приклучоци од канализациониот систем за отпадни води, велат во извештајот од Институтот за јавно здравје.

За заштита на Охридското Езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите  Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа, но согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ Охрид, перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи.

Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на охридското крајбрежје од хотел „Десарет“ до Св. Наум, хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда. Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел „Бисер“ и с. Калишта. Приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео, како и од с. Радожда кои користат септички јами кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото, реките кои директно се вливаат во Охридското Езеро, потенцираат во извештајот.

Исто така, се наведени и реките кои директно се влеваат во езерото – Черава (доаѓа од Албанија и директно се влева во Св. Наум), Сатеска, Велгошка, Коселска река, Црни Дрим и Радика.

Шанкови поставени на самиот брег на Охридското Езеро односно на самите плажи, испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат во Охридското Езеро, со можност за (намерно или ненамерно) приклучени отпадни фекални води од страна на колективните станбени згради и приватни куќи, базени за капење во склоп на угостителските објекти или како Градски базен, хотел “Десарет”, автокамп “Градиште”, “Љубаништа” и “Ливадишта“, ресторан “Острово” и другите угостителски објекти во “Св. Наум”, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во Св. Наум 2013 год., но истиот не функционира. Имено во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото, се вели во извештајот.

Во извештајот од ИЈЗ се наведени и предлог-мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните (површински) води на Охридско Езеро меѓу нив целосна изградба и поврзување на колекторскиот систем, негова поправка на места каде има дефекти, сите хотелско-угостителски објекти, приватни куќи, колективни стамбени згради, како и селските населби од Св. Наум до Радожда, да се приклучат во колекторскиот систем, а не во одводниот систем за атмосферски води, пумпите од колекторскиот систем непрекинато да функционираат и за време на обилни дождови, во најбрз можен период да се најде техничко решение за вклучување во колекторскиот систем на населбите долж Охридското Езеро од градот Струга сè до с. Радожда, да се откријат домаќинствата кои фекалните и другите отпадни води ги исфрлаат директно во речните корита и истите да се приклучат на канализационен систем, како и путексите како директни загадувачи на езерото, да се чистат два пати годишно.

Градоначалникот на Општина Охрид во врска со извештајот од Институтот за јавно здравје вели „на вакви извештаи веќе сме навикнати пред или во очи на туристичката сезона и не носат ништо добро на Охрид“.

Водата во Охридското Eзеро е од прва категорија на преку 96% од крајбрежјето на eзерото под ингеренции на Општина Охрид. Нас ни останува да продолжиме да работиме и оној дел од колекторот кој што е постоечки да го држиме во добра кондиција и да е функционален (се разбира товарот паѓа на државното јавно претпријатие “Колектор”). А на делот што треба да се докомплетира со прочистителни станици, веќе се готови и проектите и одобренијата за градба или готови или во сама завршница и ќе следи нивна изведба во наредниот период согласно буџетските средства. И дополнително за неколку локации посочени во извештајот покажано е елементарно непознавање посебно за стариот дел на градот и за комплексот Св. Наум. Дополнително кога пишуваат извештаи треба да добијат релевантни извешати од техничките служби на јавните претпијатија и нема да се доведуваат во непријатни ситуации како оваа, а досега не е побарано извештај од страна на ЈКП-ја, потенцира Пецаков.

Н.С.Ј.