Шпанскиот тенисер Рафа Надал ја освои јубилејната десетта титула на францускиот грен слем турнир Ролан Гарос, откако во финалето полесно од очекувањата го совлада Стен Вавринка во три сетови (6-2, 6-3, 6-2). Надал стана првиот тенисер во светски рамки со двоцифрен број на титули на еден грен слем турнир.

Швајцарецот не се покажа во светло како против Енди Мареј во 1/2 финалето и беше лесна задача за Шпанецот. Надал максимално ги користише своите шанси и убедливо стигна до титулата на омилениот терен.

– Беше навистина тешко да се победи ова финале, иако резултатски не изгледа така. Им благодарам на сите мои навивачи, бидејќи овој пат повеќе од потребна ми беше поддршката. За мене ова е најзначајниот турнир и навистина посебни чувства и емоции се будат кај мене кога играм овде кои не можат да се споредат со настапите на преостанатите турнири. – изјави видно возбудениот „крал на земјата“, Надал.

Со триумфот на францускиот грен слем Надал ќе скокне на втората на АТП ранг листата, додека Вавринка ќе остане на третата позиција.

Титулата на Ролан гарос за Надал е вкуна 15-та од големите турнири. Пред него со 18 трофеи се наоѓа Рожер Федерер кој поради повреда не настапи на популарниот „Френч Опен“.

OhridNews