Семејството Митреви чија потресна сторија пред неколку месеци ја објави OhridNews, по згрижувањето од трошната колиба над Велгошти во топлиот дом на чичко Стојан, деновиве го посетија членовите на Лајанс клубот Лихнидос од Охрид. Тие донесоа вредна помош во облека, обувки, брашно, масло и други намирници, која на петчленото семејство ќе му овозможи полесно да ја пoмине зимата. Покрај ова лајансите од Лихнидос на Митреви им подарија тв приемник и машина за перење алишта.



-Се надеваме дека оваа помош барем малку ќе им го олесни животот на Митреви, кои се наоѓаат во незавидна положба. Во рамки на нашите можности ќе го помагаме ова семејство и во иднина.-истакнаа од ЛК Лихнидос.

Средствата за донацијата беа обезбедени од интернационалната соработка со лајансите од Рим, во рамки на која неодамна во главниот град на Италија се одржа хуманитарна претстава и концерт на членот на Лихнидос, музичкиот професор Емилија Маринова.


Во претстојниот период лајансите од Лихнидос најавија реализација на неколку хуманитарни активности, преку кои ќе им се помага на ранливите категории граѓани.

OhridNews