Со тестирање на пловен базар, во езерските води во Струга утре ќе биде заокружена меѓународната резиденција Lakescape, дел од истоимениот проект кој се спроведува на бреговите на трите големи Европски езера: Ванерн – Шведска, Балатон – Унгарија и Охридското Езеро во Македонија.

Настанот е во организација на ИНКА – Здружение Иницијатива за независен активизам Струга со логистичка поддршка од Europe House Struga и Спортскиот клуб Соларис.

На овој настан, кој ќе започне од 17 часот кај платформата на Пливалиште, неколку локални артизани и учесниците од меѓународната резиденција, ќе впловат во езерото и ќе ги преселат своите дуќанчиња во чамци, за да се здружат со него и заедно да промислуваат нови креативни можности за симбиотична и одржлива соработка помеѓу човекот и животната средина, информираат организаторите.

Упатуваат покана до пошироката јавност да се придружи на ова несекојдневно искуство и да придонесе кон одржливоста на креативната крајезерска заедница.

Воедно, посочуваат дека ќе има обезбеден превоз до пловниот маркет – со кајак и СУП даски, а обезбеден е и начинот на купување на вода. За посетителите ветуваат и добра забава со музика.

Пловниот базар Lakescape е финансиски поддржан од Европската Унија, преку програмата на Креативна Европа, како и од Министерство за култура и туризам на Р.С.Македонија.

OhridNews