Денеска во просториите на Факултет за туризам и угостителство Охрид, се оддржа крводарителска акција. Голем број студенти, средношколци, граѓани и членови на ЛК „Лихнидос“ од Охрид, ја покажаа својата хуманост преку дарувањето крв, давајќи поддршка на акцијата организирана од страна општинскиот Црвен крст и одделението за трансфузија при општата болница.
Претседателот на ЛК „Лихнидос“ од Охрид, проф. д-р Зоран Тунтев, се заблагодари на хуманите луѓе, најавувајќи дека охридските „лавови“ и во иднина ќе ги поддржат ваквите солидарни акции.
„Отсекогаш ЛК Лихнидос ги поддржува ваквите акции и активно учествува, не само во давањето крв, туку и во организацијата преку давање личен пример и анимирање на пошироката јавност. Тоа е она што го краси ЛК Лихнидос. Ова е една од најхуманите опции луѓето да покажат солидарност, алтруизам и хуманост.“ – изјави Тунтев.
Од општинскиот Црвен крст изразија благодарност до сите хумани луѓе кои ја поддржаа денешната крводарителска акција.
„Секогаш сме поддржани од одредени организации и фирми од нашиот град. Овие акции се спроведуваат со студентите, меѓутоа за голема среќа денеска ни се приклучија и учениците од средното угостителско училиште Ванчо Питошески. Секако, во просториите на факултетот можат да дојдат сите заинтересирани граѓани.“ – вели Анета Јованоска од општинскиот Црвен Крст.
Инаку, денешната крводарителска акција која се спроведува во просториите на ФТУ-Охрид, ќе трае до 15 часот.
О.Т.